Повратот до 2.100 денари од „Мој ДДВ“ сѐ уште во собраниска процедура, вели Лукаревска

Измените за поврат до 2.100 денари со мерката „Мој ДДВ“ се во собраниска процедура, истакна директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска. Таа вели дека Управата го има направено своето во консултации со Министерството за финансии, односно ги има поднесено измените за мерката за скенирање на фискални сметки со кои се предвидува зголемување на износот што им се дава на граѓаните за поврат на данокот на додадена вредност.

„Ние нашето го направивме, измените ги направивме во посредство со Министерството за финансии, сега е сѐ во собраниска процедура. Штом таму се донесе таа измена, секако дека ќе го адаптираме и системот и врз основа на тоа ќе враќаме повеќе кај граѓаните. Веројатно, треба да дојде на редовна седница, бидејќи сега знаете дека се дискутира за реконструкција на Влада. Кога ќе заврши овој процес, би требало да биде на дневен ред и да го види светлото на денот“, истакна Лукаревска.

Досега граѓаните на секои три месеца добиваат поврат на ДДВ во максимален износ од 1.800 денари, а со измените се предвидува да добијат најмногу до 2.100 денари на три месеца. Ова беше најавено уште на крајот на минатата година, а на Владина седница помина во декември. Во изминативе три години кај граѓаните се вратени 4,2 милијарди денари преку оваа мерка, а Штип минатата година беше втор по скенирани сметки, односно еден од градовите од каде доаѓаат доп дест граѓани кои имаат скенирано најмногу сметки. Граѓаните најмногу скенираат сметки од бензински пумпи, мали и големи маркети, аптеки, продавници за облека и бела техника.

Ребека Спасова М-Нет