
Потребите од витамнин К, А, значителен дел од потребите за магнезиум, калиум, манган и витамините Ц и Е може да ви ги обезбеди блитвата. Таа е слична со спанаќот и спаѓа во фамилијата зеленчуци со репката, а заедно со кељот се листовидни зеленчуци кои растат како високи зелени зеленчуци. Како двегодишно растение, во првата година развива длабок и разгранет корен, а во втората развива разгрането цветно стебло. За одгледување е едноставна и токму затоа повеќето се одлучуваат да посадат блитва, вели Раде Ангеловски, производител и продавач на штипскиот пазар.
„Блитвата е едноставно растение кое може секој да го произведе. Инаку, спаѓа во групата на зелчести производи, се сади од расад и тоа за месец и пол станува лист, што значи добро е и секој може да го одгледа. Секоја доба во годината е погодна, во секое време“, вели Ангеловски.
Високата концентрација на витамини и минерали ја прават особено хранлива, а богата е и со сложени јаглехидрати, со што претставува добар извор на гликоза која е неопходна за работата на мозокот. Блитвата помага при нервоза и недостиг на концентрација, го намалува нивото на мастите во крвта, ја штити слузокожата и поттикнува создавање на црвени крвни зрнца. Токму затоа луѓето и ја купуваат. И листовите и стеблата може да се јадат, иако листовите се помеки, а стеблото вообичаено се користи во супи и чорби.
„Луѓето го земаат за сарма, за бебињата и за салата. Го земаат, цената е 30 денари за парче, внатре има десет листа, значи десет листа за 30 денари, а каде што има осум листа е 25 денари“, додава Ангеловски.
Блитвата поседува голема прилагодливост помеѓу почвата и климатските фактори. Оптимална температура за раст и развој е помеѓу 16 и 20 степени, а при температура од 5 до 10 степени има слаб пораст. Потребно ѝ е многу вода, особено во подрачја каде има недостаток или е нерамномерно распоредена. Сепак, сѐ зависи од тоа дали периодите се врнежливи или сушни. Оваа година, вели Раде Ангеловски, беше погодна за сите производи.
„Има, сега е топла годината, имаше производството. Како оваа година што послужи времето, идеално е за сите производи. Мразови немаше, ладно не беше“, посочува Ангеловски.
Силни коски, добар вид, намалување на телесната тежина, крвниот шеќер, притисокот и холестеролот и уште низа придобивки од зелениот благослов. Блитвата вреди да ја имате како состојка и да ја употребувате што почесто во вашите оброци.
Ребека Спасова М-Не