
Со минута молк на комеморација, Факултетот за образовни науки при УГД – Штип му оддаде почит на првиот декан, професорот Спаско Симоновски. Некогашниот професор по Основи на техничка култура со методика, поранешен директор и декан на Педагошката академија, член н Матичната комисија за основање на Педагошкиот факултет вчера почина на 84-годишна возраст. Сегашната деканка, проф. д-р Емилија Петрова Ѓорѓева, прочита дел од биографијата на Симоновски.
„Професорот Спаско Симоновски е роден на 22.5.1938 година во с. Град, општина Делчево. Основно образование завршува во родното место и во Делчево. Средното образование го продожува во Скопје. Завршува Педагошка академија на наставната група „математика и физика“, а високото образование го продолжува на Факултетот за техничко образование (ОТП), на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Не само својата академска кариера, туку и своето прво вработување, професорот Симоновски го има на Педагошката академија во Штип, како лаборант по предметите физика и математика. Со својот ангажман како раководител и како професор и како еден од основачите нна Педагошкиот факултет, Спаско Симоновски е вграден во самите темели на оваа институција“, истакна деканката.
Петрова-Ѓорѓева, во име на Факултетот, посочи дека тој како директор, декан и професор, кој го има вложено својот професионален капацитет и личен авторитет за афирмација на оваа институција заслужува чест, а секоја следна генерација има должност да оддава почит на своите претходници, бидејќи растела на нивните плеќи.
„А тогашната генерација наставници, на која припаѓаше професорот Симоновски, имаат огромен придонес за растот и развојот на денешниот Факултет за образовни науки: од Вишата педагошка школа во далечната 1959 година, преку Педагошката академија, до Педагошкиот факултет. И како раководител и како наставник, професор Спаско Симоновски беше посветен и на институцијата и на вработените, но и на своите студенти. Сите тие вечно ќе го паметат и ќе му го оддаваат должното признание за неговите заслуги. Слава му!“, додаде таа.
Симоновски беше прв декан на Педагошкиот факултет во периодот од 1995 до 2000 година, а вчера почина по кратко боледување.
Ребека Спасова М-Нет