
Со мал стандард и високи цени граѓаните се подготвуваат за Задушница. Велат скромно, лепче, по некоја овошка за душата на покојните. Толку дозволуваат денешните примања, ама денот мора да се одбележи. На прашањето дали барем слично како од годините претходно, велат споредба не може да се прави, бидејќи претходно Задушница се одбележувала на многу поинаков начин за разлика од денешните скромни подготовки.
Утре е Задушница пред големиот христијански празник Прочка. Неделата пред Прочка се вика Месопосна или Месна недела, а некои ја викаат и Месни поклади зашто на тој ден се запокладува (запостува) со месо, месни производи и свинска маст.
Овој период од седум дена од месни поклади до Прочка се вика и Сирна недела или Сирници поради тоа што во овој период се јадат млечни производи, а некои ја викаат и Бела недела. Од сирни Поклади што се совпаѓа со Прочка започнува да не се јадат и млечни производи и започнуваат големите, долги седум недели, Велигденски пости што траат до Велигден.
Лаура Стојанова М-Нет