Нема инсулин, ленти и апарати за мерење шеќер во крвта, пациентите револтирани реагираат

Редица пред центарот за дијабет при Клиничка болница Штип. Пациентите чекаат, ама нема инсулин, ленти, ниту апарати. Дијабетичарите мака мачат да набават инсулин кој за нив живот значи. Пред камерите на М-Нет телевизија велат дека подолг временски период се оставени без инсулин, за сега да им нудат замена. На дел од пациентите замената не им одговара, па стравуваат за своето здравје.

„Требаше јас да земам пред неколку дена, ама нема. После тоа речеа за во петок за денеска, дојдев па нема и сакат да ми го сменат. Јас примам два и нема. Замена не сакам, на мене овој ми е многу убав. Од овај ми се симна шеќерот.“

Нема ниту ленти. Пациентите велат добивале една кутиичка со 50 ленти на секој два месеца, ама сега повеќе од четири месеца ленти немало. Се снаоѓале кој како знае и умее. Едни позјамувале од соседите, други не го мереле шеќерот, ситуацијата според нив е повеќе од лоша. Додаваат дека нема ниту апарати за мерење на шеќер во крвта.

„Еве јас колку време сум без апарат, ленти нема воопште. Апарат земам од соседот и сега немаме ленти ни јас ниту соседот. И не се боцкам, не знам колку ми е шеќерот. А инсулин земам, четоро пет месеци. “

Една кутија ленти во аптека е 800 денари, ако на сите други лекови се додаде и ова за нив е скапо. Треба да добиваат ленти и инсулин, а не сами да го бараат по аптеките и дополнително да плаќаат за него, велат. Бараат поголема ажурност од страна на наделжните, да се обезбеди потребниот инсулин, ленти и апарати за да може и тие да живеат нормално.

„Велат дојди утре, доаѓам утре – нема. Цела година не малтретира, треба ли да каже дајте пратете ленти, пратете инсулин, цела година ленти не сум земал од овде, тоа е срамота. По 800 денари е кутиичката во аптеката, скапо е.“

Има два типа на инсулин замена за еден тип што го нема во моментот, одговорија од Клиничка болница Штип.

„Оваа недела веќе втор пат одговоараме на истото прашање за „недостаток“ на инсулин. Значи има недостаток само на еден тип инсулин во моментот, но за кој имаме замена. Доколку се јави потреба нашите ендокринолози може да ја корегираат терапијата, со заменски тип на инсулин кој недостига, а сѐ со цел да нема прекин во користењето на инсулин. Кога ќе биде испорачан инсулинот кој во моментот недостига, како и лентите за мерење гликемије прашање за Министерството за здравство бидејќи јавната набавка и дистрибуција ги врши истото, а КБ Штип ги врши месечните порачки за потребите на своите пациенти.“ – одговорија од КБ Штип.

Лаура Стојанова М-Нет