Брегалница убедлива против Пелистер на контролката одиграна во Струга

Штипскиот прволигаш Брегалница денес со убедливи 1:3 славеше над битолски Пелистер на контролниот натпревар одигран во Струга.

Брегалница преку Ѓорѓиев во 21. минута прва дојде до водство, а само пет минути подоцна битолчани го израминија резултатот на 1:1. До крајот на првиот дел мрежите мируваа.

Во второто полувреме Брегалница беше далеку подобра од битолскиот второлигаш и со два брзи гола дојде до водство од 1:3. Само седум минути игра беше потребно во вториот дел за Брегалница да го врати водството на 1:2 со eвро-голот на Димитриј Димитриевски, а веќе во 61. минута новото засилување Зоран Андонов погоди и ја зголеми предноста на „сините“ на 1:3. „Четата“ на Горан Здравков прикажа одлична игра на теренот во Струга, на ладното време покрај Охридското Езеро.

Брегалница денес ги заврши подготовките во Охрид и во моментот се враќа во Штип.

Како што дознава телевизија М Нет, интернационалецот од Гана, Рудолф Благоџи, во моментот сè уште е на проба и во следните денови ќе биде донесена одлука дали со 22-годишникот ќе биде склучен договор, а до крајот на преодниот рок можно е уште едно до две засилувања да пристигнат во редовите на Брегалница.

Брегалница во рамки на подготовките кои ги одработи во Охрид одигра четири пријателски натпревари. Загуби од Воска Спорт на првата контролка со резултат од 3:0 на „Билјанини Извори“, во Струга го доби Караорман со минимални 0:1, а на третиот тест со 1:2 беше подобра од Охрид на „Билјанини Извори“.

Претходно, Брегалница во Струмица одигра 0:0 со Академија Пандев, а против Тиквеш во Штип беше подобра со минимални 1:0.

„Генералката“ ќе биде на 11. февруари против Беласица на Градскиот стадион во Штип.