
Три приоритети за работа постави новиот директор на Штипската гимназија кој денес седна на директорската фотелја. Вели, ќе се работи на подобрување на условите за работа и афирмација на училиштето.
„Според мојата програма, сум назначен за директор на Гимназијата со дефинирани приоритети за работа во наредниот четиригодишен период. Во програмата за работа за четиригодишниот период дефинирани се три приоритети: подобрување на условите за работа, подобрување на воспитно-образовниот процес и негово константно одржување на високо ниво и афирмација на училиштето преку Советот на родители и нивно активно учество во работата на Гимназијата“, истакна Арсов.
Приоритет број еден и за новиот директор ќе остане реконструкцијата на кровот, поради што вели дека проектот во неговиот мандат сигурно ќе се реализира. За точниот период на реконструкција вели дека ќе треба да се создадат реални услови и тоа сигурно ќе биде за време на летниот период.
„Во мандатот сигурно, а за тајмингот кога би бил реализиран ќе треба да се создадат вистински и реални услови за тоа, бидејќи самиот проект е комплексен. Самиот зафат може да биде направен исклучиво во летниот период, а надвор од тоа самата изведба е со висок безбедносен ризик. Се надевам дека со градоначалникот и МОН ќе се издејствуваат финансии и тој проект ќе биде реализиран во најскоро време, бидејќи е приоритет број еден“, додава Арсов.
Марјан Арсов на функцијата директор доаѓа откако беше избран на распишаниот оглас, како еден од двајцата кои ги исполнуваа условите, односно имаа положено менаџерски испит. Одлуката на Училишниот одбор ја прифати и градоначалникот Јорданов и го назначи Арсов за директор, кој доаѓа на местото на досегашната в.д. директорка, Весна Ристова.
Ребека Спасова М-Нет