Врнежи од снег се повеќе од потребни, според штипјани, ама жално е што е кратко и доцна

Поголемиот дел од Источниот Регион утринава се разбуди со првите наноси од снег. И во Штип граѓаните задоволни од првиот снег оваа зима велат дека долго го очекувале. Меѓутоа, ниту децата ниту возрасните немаа време да се израдуваат на снегот оти брзо се стопи. Велат, добро е, ама да заврне барем уште еднаш.

Од Истокот, Делчево снег имаше уште вчера, а во Берово снежната покривка е со висина од седум сантиметри. Сообраќајот на патиштата, велат од АМСМ, се одвива по влажни коловози, но непречено со слаби врнежи од снег, кои во моментов не претставуваат проблем за одвивање на сообраќајот, особено на патните правци во Штип, Кочани и Делчево. Патиштата во Малешевско-пијанечкиот Регион од вчера превентивно се посипуваат со песок од страна на ЈП „Македонија пат“ со цел да нема проблеми при одвивање на сообраќајот. АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони, што посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Ребека Спасова М-Нет