
За 1.400.000 денари пониска сметка доби штипското јавно претпријатие „Исар“ за декември 2022 година. Првиот месец на регулиран пазар за „Исар“, конечно, донесе пониски трошоци за струја, односно сметка од нешто повеќе од 1.400.000 денари, нешто што беше и очекувано од страна на раководството.
„Сметката за електрична енергија за месец декември 2022 година изнесува 1.440.000 денари, односно 886.000 денари е од регулиран пазар т.е. за електричните броила коишто учествуваат во производство и дистрибуција на вода и имаме 553.000 денари од слободен пазар, што е за останатите објекти на ЈП „Исар“. Споредбено со месец ноември 2022 година, сметката тогаш изнесувала 2.850.000 денари или сега имаме 1.400.000 денари помалку за електрична енергија“, истакна в.д. директорот, Трајан Коцев.
Директорот Коцев вели дека земајќи ги предвид претходните високи сметки и долговите во последната година, финансиската разлика во сметките ќе се искористи за нивно исплаќање. И понатаму ќе се штеди, потенцира тој, онаму каде што е можно, односно најмногу во однос на користењето на електричната енергија и загревањето.
„Овие 1.400.000 денари ние ќе ги пренасочиме за исплаќање на наталожените обврски и долгови коишто се јавија во 2022 година со енергетската криза, затоа што за минатата година имавме значително високи сметки за електрична енергија“, додава Коцев.
Сметката на ЈП „Исар“ на почетокот на минатата година беше 19 милиони денари, по што претпријатието се приклучи на ХС Злетовица, но сметката се намали само до 11 милиони денари. Јавните претпријатија долго бараа помош од државата во однос на енергетската криза, откако од нив се бараше да штедат, а сметките се движеа околу пет милиони денари. На крајот на годината Владата одлучи училиштата и јавните претпријатија да може да аплицират за струја преку регулиран пазар.
Ребека Спасова М-Нет