
Породилното отсуство од девет месеца во постојниот закон ќе продолжи и во новиот закон, објаснува министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, во врска со нејаснотиите кои произлегоа од новиот предлог-закон за работни односи. Таа вели дека ако се соберат сите отсуства вкупно, има не девет, туку 13,5 месеци коишто се даваат на двајцата родители за да бидат со своето дете до двегодишна возраст.
„Воведуваме наместо постојното породилно отсуство, три нови институти: мајчинство, татковство и родителско отсуство. Имаме, во делот на мајчинството, пет месеца отсуство на жената и на тие пет месеца имаме право на жената на родителско отсуство од четири месеца. Значи, периодот којшто и во моментов го има жена којашто ќе роди едно дете од девет месеца во постојниот закон, продолжува и во новиот закон, девет месеца за едно дете, дванаесет за две или повеќе деца ако се родат во исто време. Новиот инстутут татковство предвидува период од 15 дена за едно дете или 20 дена за две или повеќе деца“, вели Тренчевска.
На јавната расправа во Штип, на која се дискутираше токму за овој предлог-закон, претставничката од „Гласен текстилец“, Кристина Ампева, истакна забелешки во однос на исплатата на отуството, но и во однос на заштитата на бремените жени коишто се на договорено работно време кои често го губат правото на платено отсуство.
„Отсуството за родителство, мајчинство, татковство да биде 100% исплатено. Ги слушаме изјавите за иселеноста… Да не се дозволи прераспределеноста на работните места откако ќе се искористат овие отсуства, дали од мајката, дали од таткото, кога ќе се вратат на работно место, бидејќи тоа се дозволува во моменталниот предлог-закон што го имаме. Затоа побаравме прецизирање. Заштита на бремените жени коишто се на договорено работно време, бидејќи знаеме дека работничките го губат правото на платено определено отсуство“, вели Ампева.
Забелешките на „Гласен текстилец“, главно, се однесувале на допрецизирање на новите отсуства за мајчинството, татковството и родителското отсуство, заштита на правата на работниците, но и бил изнесен и поздрав за намалувањето на договорите на определено време од пет на две години.
Ребека Спасова М-Нет