
Училишниот одбор на штипската гимназија го даде својот предлог, кој да го населди директорското столче. Од осум присутни члена на Училишниот одбор, седуммина својот глас го дале за Марјан Арсов, и ваквата одлука ќе биде доставена до градоначалникот, Иван Јорданов. Документацијата е подготвена вели претседателот на Училишниот одбор, Зоран Арсов, за М-Нет телевизија.
„Интервјуто се спороведе во петокот со двата кандидати, единствените двајца кои ги исполнуваа условите, односно имаа положено менаџерски испит. Потоа се пристапи кон гласање. Училишниот одбор е составен од 12 члена, на гласање беа присутни осум што значи имаше кворум за работа. Седуммина својот глас го дадоа за кандидатот Марјан Арсов, додека еден од членовите беше воздржан. Документите се подготвени и најдоцна до петок ќе бидат предадени на градоначалникот, Иван Јорданов. Понатаму одлуката треба да ја донесе тој“ – вели Арсов.
Градоначалникот Јорданов во вчерашната изјава посочи дека одлуката на Училишниот одбор ќе се почитува. Дали и официјалноМарјан Арсов ќе седне во директорската фотелја ќе се знае во текот на наредната недела. Крајниот рок е 15 дена од денот на доставување на одлуката од страна на Училишниот одбор. Во трката за директорската фотелја беа Тамер Јамаковски и Марјан Арсов.
Лаура Стојанова М-Нет