НА: Претходното раководство на штипската медицина направило неправилности со проектот во Шпанија

Ученици добивале поени за ранлива категорија без основа, а ученици од ранлива категорија не добиле дополнителни поени. Немале сертификати и дипломи кои покажуваат талент, а им биле доделени повеќе бодови. Изборот требало да опфати 15 ученика од смерот медицинска сестра и 9 од смерот физиотерапевтски техничар, а Комисијата одбрала 19 од медицинска сестра и само пет ученика од смерот физиотерапевтски техничар. Изземени биле учениците од четврта година оти според координаторот и директорката требало да завршуваат обврски за матура. Ова се дел од констатираните наоди при увидот на Националната агенција извршен во медицинското училиште во Штип во врска со Еразмус-проектот во Шпанија. Од Агенцијата велат дека на 18.2.2022 година добиле дојава за несоодветен избор на учесници и веднаш пристапиле кон извршување контролна посета согласно со одредбите од Договорот за грант.

„-Иако при извршената проверка беше констатирано дека на 25% од селектираните ученици им се дадени поени за т.н ранлива категорија, а од тие 25% селектирани ученици беше утврдено дека за 3 ученици нема податоци врз основа на што добиваат поени за т.н ранлива категорија.

-Кај 20 ученици кои се на листата за чекање Комисијата за селекција на ученици има извршено несоодветно бодување, а во групата на овие 20 ученици дополнително е утврдено дека 6 ученици припаѓаат во групата на ученици со помалку можности (ранлива категорија) и за истите нема соодветно бодување од дополнителни 20 бодови кое доколку било реално направено овие ученици требало да бидат на повисоко место на ранг листата.

-Доколку ученикот учествувал на Еразмус + проект и бил селектиран од училиштето тогаш во таков случај има основа за доделување на – 5 бодови поради учество во претходни Еразмус + проекти. Се работи за лична проактивност на ученикот за што аплицирал кај друг субјект односно активноста на која учествувал ученикот не е имплементирана од училиштето. Доделените негативни – 5 бодови во овој случај се применети без никаква основа.“ – стои во одговорот кој го испратија од Националната агенција.

Од направениот Извештај, Агенцијата го задолжила училиштето да изврши повторно рангирање согласно со критериумите и при истото да ги земе предвид сите пријавени ученици согласно со претходно објавениот јавен повик и со кои било извршено интервју. За корекција рокот бил 30 дена и во тој рок, на 26.4.2022 година училиштето доставило несоодветни и нерелевантни коментари надвор од фактичката состојба. Меѓутоа, по ова НА била информирана за промената на роководството и истата ги почитувала процедурите и временскиот рок за промена. НА и новата директорка, Марија Николиќ, оствариле средба и училишниот тим почнал да постапува по Извештајот.

Од НА велат дека одговорното лице континуирано го следи училишниот тим за постапување по наодите од Извештајот и ќе продолжи да ја следи имплементацијата на овој проект во сите фази со засилен мониторинг процес.

Ребека Спасова М-Нет