
Предпразнично во Делчево се поделија хуманитарни пакети на социјално загрозени семејства. Акцијата денес ја спроведоа евроамбасадорот, Дејвид Гир, и градоначалникот, Горан Трајковски, кои поделија 30 хуманитарни пакети. Целта на акцијата е да се овозможи и овие семејства да имаат достоинствен дочек и пристојна трпеза за празниците Бадник и Божик.
„Филантропијата е таа која нè определува како луѓе и наша мисија, како функционери и носители на одлуки, е да помагаме на оние на кои им е потребна помош и да покажеме дека никој не е заборавен“, истакна Трајковски.
Акцијата за донирање пакети со храна за социјално загрозени семејства ја организира Делегацијата на ЕУ во соработка со Банката за храна и Мрежата на младите европски амбасадори со поддршка на Регионалниот центар за застапување – Делчево и Општина Делчево. Акцијата е прва од ваков тип организирана од Делегацијата на ЕУ, па во оваа прилика амбасадорот Гир повика на хуманост и сплотеност во време на празници.
„Во пресрет сме на православниот Божиќ и ова е извонредна можност за сите нас да размислиме за тоа каде стоиме со нашата хуманост, солидарност и е одлично време да се солидаризираме и да направиме промени“, порача евроамбасадорот Гир.
Една четвртина од граѓаните во Европа се соочуваат со проблеми при обезбедувањето храна, а 43 милиони луѓе не може да си обезбедат квалитетен оброј секојдевно. Во Македонија 40% од отпадот во текот на производствениот и потрошувачкиот процес на храната е сочинет од неискористена храна.
Ребека Спасова М-Нет