
Регионов сѐ уште калкулира дали да ја покачи цената на водата. Регулаторната комисија за водни услуги и енергетика на крајот на претходната година на јавните претпријатија им даде делумно право да учествуваат во креирањето на цената на водата и со тоа да одлучат за зголемување или не на цената на водата која ја испорачуваат до граѓаните. Штипски „Исар“ до крајот на неделата ќе знае дали цената на водата минимално ќе се зголеми или ќе остане иста.
„Не, ние не бараме покачување на цената, туку во Извештајот доставуваме податоци за сите оние трошоци кои ги имаме за производство на чиста вода. Нашето барање е цената да остане иста, но ќе видиме што ќе добиеме како насоки од Регулаторна комисија“, вели директорот Коцев.
За можно зголемување на цената на водата размислува и кочански „Водовод“. Претпријатието е презадолжено, а поради високите сметки за струја, претходниот месец се зголеми и цената на геотермалната вода, која се користи за затоплување на училишта, институции и оранжерии. Задолжено е и карбинското претпријатие „Плачковица“, ама градоначалникот, Виктор Паунов, потенцира дека покачување на цената на водата ќе нема.
„До овој момент како Општина Карбинци и ЈП „Плачковица“ не планираме да ја покачуваме цената на водата, односно истата ќе остане стабилна, како што е и досега, во тој дел граѓаните да бидат мирни. Се обидуваме цело време претпријатието да добие една таква слика, со тоа што знаевте дека наследивме премногу долгови, многу обврски коишто претходниците не ги обавувале навремено. Засега тие долгови се намалуваат и сметам дека одиме во добра насока“, вели Паунов.
Регулаторната комисија до штипското комунално претпријатие „Исар“ има доставено тригодишен план, односно колку треба да биде минималната или максималната цена на водата. Според истиот, цената не смее да биде повисока од 36,25 денари за метар кубен, но одлуката за зголемување или намалување ја носи комуналното претпријатие.
Ребека Спасова М-Нет