
Методи Максимов и официјално е ново засилување за Шкендија, откако тој позираше во дресот на тетовскиот прволигаш и стави потпис на договор со поранешниот македонски фудбалски шампион.
Максимов во Тетово доаѓа од редовите на Работнички, тој е младински репрезентативец на Македонија, а со Шкендија се обврза на верност до летото 2026 година.
Во есенскиот дел од Првата македонска фудбалска лига, во дресот на Работнички, Максимов постигна три гола на четиринаесет натпревари, при што на прволигашките терени помина 1164 минути.
Максимов ќе биде супер засилување во нападот на Шкендија, која во пролетниот дел од сезоната ќе се обиде да ги стигне водечките Струга Трим Љум и Шкупи на патот кон титулата во домашното првенство.
„Се чувствувам многу среќен и задоволен. Чест и задоволство ми е да играм за Шкендија и ќе дадам се од себе за овој клуб“, рече Максимов на промоцијата во клупските простории.