
Најголемата река во Истокот во долниот тек е на ниво на канализациона мрежа. Анализите и истражувањата на лабораторијата „АМБИКОН“ покажаа дека водата е од четврта категорија, што според нив е загрижувачка состојба, особено кога водостојот е низок, во лето или рана есен.
„Веќе имаме многу параметри коишто ни се над дозволените и ја класифицираме во четврта категорија. Тука најмногу се нарушени микробиолошките параметри, каде што има бактерии во огромни количини, голем дел се и од фекално потекло, што е очекувано, бидејќи имаме нетретирани испуштана“, истакна Ѓорѓи Димов, декан на Факултет за природни и технички науки при УГД – Штип .
За прочистување на индустриските и водите од канализационата мрежа во овој регион има две големи станици, една во Кочани и една во Берово. Фабриката кај кочанското село Мојанци дневно обработува 9.000 метри кубни отпадна вода, а кочанските граѓански активисти бараат фабриката „Пејпер мил“ да не ја испушта отпадната вода директно низ каналите.
„Нивните води излегуваат на отворено во Оризарска река, а потоа и во Брегалница и водите во целиот регион се загадени од страна на компанијата „Пејпер мил“ и некои други придружни компании коишто немаат пречистителна станица. Од Државниот инспекторат за животна средина неколку пати е посочувано дека така ги испуштаат водите низ кочанското поле“, вели граѓанскиот активист, Горан Лефков.
Решение на долг рoк за подобри резултати во однос на квалитетот на водата на реката Брегалница е изградба на пречистителна станица. Сепак, во однос на овој проект градежни активности сѐ уште нема. Инвестицијата чини околу 25 милиони евра, пари кои се предвидени да се обезбедат преку европските фондови.
„Пречистителната станица за отпадни води во река Брегалница е долгонајавуван проект, којшто Општина Штип го има изработено, во моментов се ревидира и во секој момент е неопходно да излезе одобрението за градба. По ова ќе се распише тендер за изградба на станицата којашто ќе се протега од населбата Караорман до индустриската зона Плуждино“, вели градоначалникот, Иван Јорданов.
Проблем е и тоа што малите рурални општини не може да се приклучат на пречистителните станици. Предлог-решение за ова е изградба на мочуришни типови на постројки кои обезбедуваат релативно висок степен на пречистување на отпадните води по природен пат.
Ребека Спасова М-Нет