
Домот за стари лица во Пробиштип ја очекува корекцијата на проектот за да продолжи да се гради. Владата зелено светло за овој проект даде уште пред две години и со истиот требаше да се адаптира дел од Здравствениот дом „Нада Михајлова“ во Дом за стари лица. Меѓутоа, следуваше застој, а градоначалникот, Драган Анастасов, вели дека се надева оти изградбата ќе продолжи следната година.
„Изградбата на Домот за стари лица имаше застој во самата проектна документација со оглед на тоа дека се утврдија неколку недостатоци. Самиот проект мораше да претрпи измена, веќе е доставен до Министерството за труд и социјални работи. Измената се очекува по божикните празници и се надевам на потпишување договор во месец февруари, со што за неколку месеца би се комплетирал и граѓаните би го имале најсовремениот Дом за стари лица“, истакна Анастасов.
Домот за стари лица во Пробиштип е со капацитет од 54 лица и станува збор за простор од околу 2000 квадрати. Проектот е целосно финансиран од Министерство за труд и социјална политика и е со вредност од 55 милиони денари.
Доколку се заврши следната година, ова ќе биде втор Дом за стари лица во Источниот Регион, по единствениот во Берово. Застој има и во реализацијата на проектите во Кочани и Штип, а и во тек се активности и за проширување на Домот во Берово, кој треба да биде со капацитет од 40 легла, наместо досегашните 29 легла.
Ребека Спасова М-Нет