
Логиката да се гради фонтана на местото на веќепостоечка е разбирлива само од аспект на тендерски бизниси на вмровските шерифи и градоначалникот Јорданов, реагираат од ОО на СДСМ Штип. Од таму реагираат за новиот проект на којшто се работи кај Штипската гимназија, а притоа прашуваат дали Јорданов планира непродуктивно трошење на народните пари во неоправдани проекти по примерот на Скопје 2014.
„По кој пат штипјани ќе плаќаат за бизнис зделките и апсурдни проекти на ВМРО – ДПМНЕ и самонаречената в.д. директорка, без назначување и овластување, на Штипската гимназија. Речиси два милиони денари, пари на граѓаните, залудно се потрошени за изградба на фонтана на местото на веќепостоечка фонтана. Ја прашуваме в.д. директорката и Училишниот одбор како тоа врши пренамена на средства предвидени за реконструкција на кровот на Гимназијата во изградба на фонтана, која патем не е во дворот, ниту во самата катастарска парцела на Гимназијата“. Дали повторно вмровските челници повторно бркаат со рацете во медот, злоупотребувајќи ги народните пари и задоволувајќи нечии бизнис интереси?“, велат од ОО на СДСМ Штип.
Колку повеќе вакви прес-конференции, толку повеќе промовирани и реализирани проекти, одговори на ова градоначалникот Јорданов. На крајот, заклучува тој, граѓаните ќе ја оценат работата.
„Со деструктивни и манипулативни прес-конференции очекувам да продолжат и во понатамошниот период. Сѐ додека прават такви прес-конференции ние ќе промовираме проекти, колку повеќе прес-конференции, толку повеќе проекти. На крајот од денот јавноста ќе цени. Ја користам приликата да запрашам: дали лицето коешто ја читаше оваа прес-конференција, а кое е директор на Архивот во Штип, е на работното место и дали се грижи за неговата институција?“, одговори Јорданов.
Инаку, од ОО на СДСМ Штип додаваат дека овој проект е олицетворение на безумното трошење, бидејќи нема никаква општествена оправданост.