Дерби во Кратово, „пандевци“ сакаат три бода во Автокоманда, шампионот Шкупи гостува во Прилеп

Утре со големото дерби меѓу Силекс и Струга Трим Љум ќе биде отворено 16. коло од Првата македонска фудбалска лига.

Во Кратово ќе гледаме дуел на лидерот Струга и четвртопласираниот Силекс во меч каде и двете екипи силно ќе атакуваат на трите боодви.

Кратовци по победничката серија влегоа во мини резултатска криза од две последовалтени ремија и висок пораз од Академија Пандев (3:0) во Струмица. Од друга страна стружани конечно излегоа од серијата без триумф, откако запишаа две последователни ремија, во претходното коло славеа минимална но голема победа над Шкендија (1:0) и со тоа имаат пет бода пред шампионот Шкупи кој е втор на табелата.

Силекс со триумф може и да се искачи и до второто место, од друга страна десетти сезонски триумф за Струга ќе биде чекор напред кон историска титула во домашниот шампионат.

В недела во Автокоманда свое соочување ќа имаат Скопје и Академија Пандев, во дербито од долниот дел на табелата, „пандевци“ силно посакуваат продолжување на серијата позитивни резултати по големата резултатска криза и конечен излез од бараж зоната.

За „пиратите“ се освен пораз би било колку толку позитивен исход во тешката борба за обезбедување барем на бараж за опстанок.

Шкендија на домашен терен против Тиквеш ќе се рехабилитира по поразот од лидерот Струга (1:0), но и ќе бара враќање на победничките патеки, бидејќи четата на Ќатип Османи на последните три натпревари нема победа. Тиквеш ќе има тешко гостување, а триумф за кавадарчани може да ги искачи на местата кои водат во Европа, па мотивот за победа е повеќе од очигледен.

Скопска пресметка меѓу Работнички и Македонија Ѓорче Петров е повеќе од пресметка за трите бодови. „Романтичарите“ сезонава се далеку од тим за висок дострел, па пораз од „лавовите“ може да ги втурне во бараж зоната, а од друга страна ниту прволигашот од Ѓорче не е доминантен како минатата сезона.

Двете екипи не играат според посакуваното, според очекуваното, па ова ќе биде дерби за докажување, дерби за петти сезонски триумф и за двете екипи и дерби за три бодови кои во моментот се повеќе од потребни.

Шампионот Шкупи ќе гостува во Прилеп кај Победа, каде ќе бара продолжување на победничката серија. „Гулабите“ во претходното коло како домаќини во Кичево го декласираа Скопје со 3:1, па во Прилеп посакуваат нова победа за намалување на бодовната предност на Струга.

Победа по изненадувањето што го направи против Струга, триумф од 2:0, нанижа два порази и падна на 10-тото место односно во бараж зоната, па против шампионот ќе бара победа или реми со цел да остане во трка и за местата кои обезбедуваат директен опстанок.

Сите натпревари ќе започнат во 13:00 часот.