
Изложбата од Лесновската ликовна колонија денес се отвори во штипскиот Центар за култура култура. На јубилејното, 30. издание, се претставени вкупно 28 дела од 14 автори, сите академски сликари од земјава, но и гости од Бугарија и Србија. Можност за сликање на изложбата, која се организира од 1992 година, имаат и сликари – аматери, кои заедно со професионалците инспирацијата ја црпат од Лесновскиот манастир.
„Со настанатите уметнички слики се претставуваме во сите градови низ нашата држава се’ со цел што повеќе луѓе да го видат она што е настанато на колонијата. Колонијата се одржува секоја година во село Лесново, каде што се наоѓа еден од најпознатите манастири, Лесновскиот манастир, од каде што уметниците ја црпат својата инспирација и настануваат одлични уметнички дела, коишто ќе имате можност самите да ги видите. Сликите остануваат во колекцијата на Домот на култура во Пробиштип. Ќе кажам дека имаме богата колекција на слики со оглед на тоа што колонијата постои веќе 30 години“, истакна Сандра Мијалковска, директорка на Дом на култура „Злетовски рудар“ – Пробиштип.
Од штипскиот Центар на култура велат дека Лесновската ликовна колонија, но и останатите секогаш се добредојдени во нивните простории. Според Трајче Кацаров, ова е уште еден пример за квалитет на колонија, нешто сериозно и одговорно, што придонесува во целокупната уметност.
„Еве, оваа Лесновска колонија 30 години зборува дека се добри организатори, тие коишто даваат предност на ликовната уметност и даваат простор уметниците да имаат свој израз. Сите наши колонии зборуваат дека може да бидат место каде ќе се сретнеме со различни уметности, кои даваат свој придонес кон она што значи творечки потенцијал“, вели Трајче Кацаров од НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип.
Лесновската ликовна колонија важи за една од најпрестижните во земјава, а со својот меѓународен карактер има особен придонес во ликовната култура на Пробиштип и државата.
Ребека Спасова М-Нет