
В недела се играат натпреварите од 10. коло од Третата македонска фудбалска лига – Исток.
Дербито на колото се игра во Свети Николе каде актуелниот шампион Овче Поле ќе го пречека беровски Малеш во борбата за трите бодови, на кои атакуваат и двете екипи. Овче Поле кој лани играше бараж за Втора лига и беше поразен од Арсими, в недела против Малеш ќе важи за фаворит за трите бодови.
Домашниот тим ќе атакува на седми сезонски триумф и со тоа да продолжи да го следи лидерот Осогово, додека пак Малеш, кој има десет бодови негатива од лидерот Осогово, повторно е во „аут“ за бараж и со тоа за влез во Втора лига.
Разиграната Тиверија в недела ќе гостува во Карбинци каде струмичани силно ги посакуваат трите бодови. Триумф за гостите од Струмица ќе значи голем исчекор кон освојување на врвот и баражот за Втора лига, со оглед на фактот што во следното коло Тиверија на домашен терен ќе игра против лидерот Осогово, па тоа е идеална шанса за намалување на бодовната предност на „жетварите“.
Брегалница Делчево во претходното коло пропушти можност да ја запише првата гостинска победа, откако во финишот од мечот беше поразена со 3:2 во Кочани од Осогово, па дома се врати во празни раце. Брегалница в недела ќе се рехабилитира против Спартмани од Градско Балдовци, во меч каде домашниот тим ќе ја има улогата на фаворит.
Новајлијата Академија Чешиново-Облечево на домашен терен ќе игра против Дојранско Езеро, Рудар на домашен терен ќе игра против Победа од Валандово во меч каде „рударите“ ќе бидат фаворити, а пак во Кочани ќе гледаме соочување на првиот и последниот – лидерот Осогово ќе го пречека последнопласираниот Вардарски од Богданци.
Сите натпревари ќе започнат во 13 часот.