
Синоќа Брегалница објави дека првиот тренер Илчо Ѓорѓиоски и спортскиот директор Никола Тонев си поднеле оставки, а клубот ги прифатил. Ваквата вест беше повеќе од изненадување, со оглед на фактот што „сините“ влегоа во позитивен резултатски ритам и сериозно се враќаат во трката за местата кои обезбедуваат „виза“ за Европа.
Што точно е причината поради која дојде до прекин на соработката ќе се знае во следните денови, а во изминатиот период навивачите беа поделени околу промената на тренеското столче, која се случи токму синоќа.
Во фудбалските кругови веќе се зборува кој би можел да го наследи Ѓорѓиоски на тренерското столче во Брегалница, а како главни фаворити се спомнуваат две имиња – Никола Кузманов и Влатко Костов.
И двајцата докажани тренери од Штип, па очигледно е дека Брегалница може да добие „домашен“ тренер. Навивачите на штипскиот прволигаш, исто така, типуваат на Кузманов и Костов.
57-годишниот Кузманов минатата сезона имаше одлична сезона со Слога од Виница во Втора лига – Исток, но тој си замина од клупата на овој второлигаш откако виде дека клубот нема високи амбиции.
Од друга страна 57-годишниот Костов минатата сезона го спаси Тиквеш од испаѓање во Втора лига, а на стартот на тековната сезона си замина откако немаше очекувани резултати.
Двајцата тренери кои се големи фаворити за наследник на Ѓорѓиоски во моментот се слободни.
Тоа што би било сигурно е дека новиот тренер Брегалница би требало да го назначи после четвртфиналниот меч од Купот против Струга Три Љум, кој се игра утре покрај езерото.
По 14 одиграни кола во Прва лига, Брегалница ја дели петтата позиција на табелата заедно со Тиквеш со по 19 освоени бодови. Во следното коло Брегалница ќе гостува во Ѓорче каде ќе игра против Македонија ЃП.
Александар Ванев/ МНет