
Надминат проблемот со сечата на дрва во Малешевијата. Откако дел од Малешевски планини беа прогласени за заштитено подрачје сопствениците на приватен имот се соочија со поголем проблем кој траеше повеќе од половина година. Не можејќи да ги сечат и користат дрвата кои се во нивна сопственост тие неколкупати излегуваа и на протест. Денеска ситуацијата е нормална, вели претседателот на Здружение на сопственици на приватни шуми, Војо Соколовски.
„Општопознато е дека сопствениците на приватни шуми, а заради прогласеното заштитено подрачје Малешево имаа проблем во делот на прием на дрвна маса. Тој процес траеше добри седум месеци. Со ангажман на сите нас кои сме вклучени во тој процес успеавме на некој начин да го деблокираме бидејќи проблемот не произлегуваше од од заштитата туку од нескладност на самите институции. Сега излеговме од таа криза со некои решенија и тој процес тече нормално така да сопствениците на приватни фирми непречено работат на своите имоти“ – вели Соколовски.
Процесот на производство трпи промени поради зголемените цени на енергенсите, вели Соколовски. Токму тоа влијае и на цената на дрвото, која според него е секако е превисока, но тоа е единствената алтернатива.
„Тоа е општ тренд во општеството кој се случува на глобално ниво. Значи заради познатите причини енергенсите и цената на истите расте, тоа се одразува на самиот процес на производство. Не е исто вие за дупло поголема цена да тангирате гориво и сите други пропратни елементи, тие трендови влијаат и врз цената на дрвото и сигурно дека цената е превисока но тоа е, пазарот си го прави своето“ – додава Соколовски.
За цената на дрвата не може многу да се влијае бидејќи цената ја диктира цената на горивото. Тоа е причинско – последичнa работa, додава Соколовски и заклучува дека без намалување на цената на горивата нема да има ниту намалување на цената на дрвата.
Лаура Стојанова М-Нет