Детали ја делат о. Карбинци од поврзување со ХС Злетовица, за комплетирање се чека на Министерството

Неколку детали во врска со пристапниот пат ја делат општина Карбинци од поврзување со ХС Злетовица. Пречките се помеѓу инвеститорот и изведувачот, коишто треба да случат договор за комплетирање на целиот проект. Општината и ЈП „Плачковица“ веќе го имаат завршено својот дел од обврските, односно ги имаат направено сите испитувања на водата.

„Изградбата на цевководите коишто ги работевме во изминатиов период се завршени. Она што ја закочи изведбата, од информациите коишто ги имам од изведувачот, е дека чекаат одобрување од инвеститорот, од Министерството за земјоделство, за да дефинираат неколку детали во однос на пристапниот пат, којшто ќе треба да го изградат за да биде комплетиран целиот проект. Потоа ние како траен корисник би пристапиле кон склучување на договор со ХС Злетовица и отклонување на оние детали за да можеме да се приклучиме. Од страна на Општина Карбинци сите процедури се завршени“, вели градоначалникот, Виктор Паунов.

Исто како и Штип, и Карбинци нема да се откаже од бунарскиот систем. Како и останатите општини, така и Карбинци очекува сметките за електрична енергија значително да се намалат. Дотогаш ќе продолжат да плаќаат високи сметки, имајќи го предвид и фактот дека се снабдуваат со струја од крајниот добавувач. Неколку неуспешни обиди со крајно неповолни понуди се причината за ова.

„Општина Карбинци има и алтернативен систем, односно неколку населени места ќе се снабдуваат со комбиниран систем за водоснабдување. За пример ќе го земам селото Радање, коешто ќе има по пат на испумпување, ќе ја користи истата вода којашто ја користи и денес, меѓутоа ќе оди на филтрација во самата фабрика за вода и ќе се враќа по друг цевковод назад кон трајните корисници. Сме на краен добавувач, очекуваме кога ќе се поврземе со ХС Злетовица, сметките да ги намалиме“, додава Паунов.

Независно дали Карбинци ќе се приклучи на ХС Злетовица, Паунов излезот од кризата на јавните претпријатија го гледа во регулираниот пазар. Со ова би имале поповолни сметки и би биле ликвидни, но со оглед на огромниот долг, за ликвидност на карбинското „Плачковица“ ќе му треба повеќе време. Ситуацијата е стабилна, заклучува Паунов, но долгот ќе се отплаќа подолго време.

Ребека Спасова М-Нет