
Преку фирма, односно формиран ДООЕЛ во рамки на ЈП „Исар“, Општина Штип ќе произведува и продава електрична енергија. Фирмата ќе профункционира со финансиски средства коишто ќе се обезбедат преку обврзница, за потоа да се произведува струја, да се пласира на слободниот пазар и со средствата да се покријат зголемените трошоци.
„Со оглед на тоа што живееме во енергетска криза и следните години ќе ги поминеме со скапа електрична енергија, одлучивме да формираме ДООЕЛ, претпријатие коешто е во рамки на ЈП Исар, а коешто е со намена и дејност за производство на електрична енергија. Во текот на вчерашниот ден донесовме одлука за издавање на обврзница преку којашто ќе можеме да набавиме турбина во филтер станицата на ЈП Исар и исто така да поставиме фотоволтаици на кровни конструкции на одредени јавни институции“, истакна градоначалникот, Иван Јорданов.
Задолжувањето преку издавање обврзници за кое вчера дискутираа штипските советници освен за формираниот ДООЕЛ, ќе се искористи и за проекти, како булевар „Партизанска“ конзоли на река Отиња, изградба на обиколница и затворен пазар. Парите од издадената обврзница ќе се вратат преку генерираниот приход од производството и продажбата на електрична енергија.
„Дел од средствата коишто ќе ги добиеме по основ на издавањето на обврзницата, ќе бидат користени за реализација на проекти, а дел ќе бидат наменети за набавка и поставување турбина за да може да произведуваме електрична енергија, да генерираме приход и во време на криза полесно да го пребродиме и да имаме приход со којшто ќе ги покриваме најголем дел од трошоците за електрична енергија“, додава Јорданов.
Задолжувањето преку обврзница ќе биде во висина од 4 милиони евра, но за ова конечниот збор ќе го има Министерството за финансии, кое треба да ја види ликвидноста на Општината.
Ребека Спасова М-Нет