Марија Атанасова со песната „Можам“ ќе го отвори 37. издание на „Макфест“

Марија Атанасова утревечер ќе го отвори 37. издание на штипски„Макфест“. Песната „Можам“ е една од 24 композиции по чии рефрени се очекува Фестивалот на забавна музика да го зачува своето реноме. Атанасова е млад талент, кој со своето музичко образование и искуство ќе даде придонес во промоција на Фестивалот и градот, а настапувањето на „Макфест“ за првпат е конечно остварување на нејзината животна желба.

„Оваа година за првпат ќе настапувам на „Макфест“ со песната „Можам“. Среќна сум што ги имам за соработници композиторот Илија Ќосевски, кој ги направи музиката и аранжманот на оваа песна, и прекрасната Весна Малинова, која го напиша текстот. Уште од најрана возраст имав желба да настапувам на „Макфест“, уште од тогаш ја започнав својата музичка едукација. Завршив основно и средно училиште при ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ – Штип како виолончелист и продолжив на Музичката академија при УГД“, истакна Атанасова.

Иако Атанасова првпат настапува како солист, досега била дел од Фестивалот пеејќи во хорот или како придружен вокал. Затоа, како што вели пред камерите на М-Нет Телевизија, сега одговорноста е уште поголема.

„Имав прилика да настапувам на „Макфест“ како еден од хористите на музичкото училиште и како придружен вокал. Годинава ја имам таа среќа да настапувам како изведувач солист, чест и задоволство ми е што ќе станам дел од големата фамилија на Фестивалот“, додава Атанасова.

Музиката е најголема љубов на Атанасова, која во моментов се едуцира на Музичката академија во Штип. Досега има учествувано на многу музички настани, но „Макфест“ како голема желба сега е нејзин најголем предизвик.

Ребека Спасова М-Нет