Започна асфалтирањето на конзолите на река Отиња до ООУ „Ванчо Прке“ во Штип

Започнува асфалтирањето на конзолите на река Отиња во пределот до ООУ „Ванчо Прќе“. Конзолите кои треба да го подобрат одвивањето на сообраќајот во овој дел од градот се поставија на потегот од градската црква до ООУ „Ванчо Прќе“, а со асфалтирањето целосно ќе биде заокружена првата фаза од проектот. Според градоначалникот, Иван Јорданов, тенденцијата е да се продолжи со овој проект и во другите делови со цел да се олесни одвивањето на сообраќајот во централното градско подрачје.

„Денес започнуваме со асфалтирање на конзолите на река Отиња. Она коешто беше планирано е проширување на улицата „Васил Главинов“, една од најфреквентните улици којашто имаше потреба за забрзување на протокот на возила. Го реализиравме до ООУ „Ванчо Прке“ и денес се асфалтира пределот пред училиштето. Со ова ја завршуваме втората фаза од проектот за конзоли на река Отиња. И со ова ја заокружуваме првата фаза од проектот. Нашата тенденција е да продолжиме во централното градско подрачје да ги прошириме главните сообраќајници и сообраќајниот метеж“, истакна Јорданов.

Проектот ќе продолжи и од другата страна на река Отиња, што е по иницијатива и поднесување амандман од страна на пратеникот Никола Мицевски. Претходно, конзолите беа поставени на потегот пред општинската зграда, а последниов период се работеше на делот од Гимназијата до училиштето „Ванчо Прке“. Инвестицијата за активностите кои се спроведуваат во моментов е 10 милиони денари од општинската сметка.

Ребека Спасова М-Нет