Лозово е во почетна фаза, Карбинци ќе потпише договор – до каде е проектот со ХС Злетовица?

Општина Лозово сѐ уште е во почетна фаза, Карбинци ја испитува исправноста на водата, а Свети Николе ќе гради нова филтер станица за водата од ХС „Злетовица“. Продолжува финансирањето за целосно завршување на првата фаза – водоснабдување од Хидросистемот „Злетовица“. Владата на вчерашната седница издаде одобрение за отпочнување на постапки за повеќегодишни јавни набавки за реализација на активностите за општините Свети Николе и Лозово.

„Информацијата е за повеќегодишна намена, бидејќи се продолжува со проектот ХС Злетовица или програмата 6А, тоа е донесено на одлука на Влада во 2018 година, кога беше донесен акционен план за да се продолжи рокот за да се завршат сите активности, затоа вчера е усвоена Информација за продолжување на финансирањето од програмата 6А – Хидросистем Злетовица“, вели Љупчо Благоевски, директор на ЈП ХС Злетовица.

Свети Николе е првата општина која во 2010 година се приклучи кон „Злетовица“, но натрупа долг од 15 милиони денари, кој беше договорено постепено и редовно да се отплаќа. Истовремено, општината треба да изгради и нова филтер станица, бидејќи постоечката не ги задоволува стандардите.

„Тоа се активности за изградба на филтер станица и базен во Свети Николе, додека во Лозово треба да се изгради филтер станица, пристапен пат и цевководи, исто така и реконструкција на постоечки резервоар и преадаптација“, додава Благоевски.

Општина Карбинци, пак, веќе заврши со изградбата на филтер станицата и цевководите, а во моментов останува уште техничкиот дел и проверката на водата. Карбинското јавно претпријатие „Плачковица“ спас за стабилизација во енергетската криза и ликвидност гледа токму во овој проект.

„Општина Карбинци ги заврши сите постапки. Остануваат некои технички процедури коишто веќе ги решаваме, веќе ќе пристапиме кон приклучување. Сите анализи се направени, техничките испитувања се добиени. Формалните работи ги завршуваме и во кооридинација со ХС Злетовица ќе го направиме договорот во блиска иднина“, истакна градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов.

Вода од ХС „Злетовица“ веќе пијат жителите на општините Штип, Пробиштип и Свети Николе. Прва општина која се приклучи во 2010 година е Свети Николе, а една година подоцна и Пробиштип, општина која, слично како и Свети Николе, натрупа долг од шест милиони денари. Штип, пак, по долги години најава, вода од ХС „Злетовица“ почна да пие во февруари годинава. Како следни фази во рамки на проектот, надлежните најавуваат реализација на систем за наводнување на земјоделските површини и за хидроенергетско користење на расположивиот воден потенцијал за производство на струја.

Ребека Спасова М-Нет