
Четвртата рунда во Првата футсал лига на Македонија се отвара вечерва во Тетово со натпреварот меѓу СЕЕ Университи и Кеги Моби од Велес. Натпревар каде повратникот во елитата ја бара својата првата сезонска победа, додека пак велешкиот тим ќе се обиде да дојде до гостински триумф кој за нив би бил трет во тековната сезона.
Утре, пак, Јувентус Серава пред домашната публика ќе ја бара првата сезонска радост против Осогово, но и гостинот од Крива Паланка ќе бара прв сезонски триумф, кој има и минус три бода поради тоа што не го одигра мечот од првото коло против Кеги Моби, а со ремито против Железарец успеа да намали еден бод и да дојде на минус два.
Во понеделник Клими на домашен терен ќе игра против шампионот Проект кој е апсолутен фаворит во „Јасмин“, додека пак Бутел го очекува меч за рехабилитација против поранешниот шампион Форца од Куманово, откако тимот на Бутел во претходното коло беше декласиран од Проект во гости.
Колото се затвара дури во вторник со мечот меѓу Железарец и Шкупи, ова е дуел на два поранешни шампиони на Македонија, а во кој дуел Железарец бара прва победа, а Шкупи трета.
Александар Ванев, М-Нет