Од понеделник земјоделците од овчеполско ќе добијат вода за наводнување

Земјоделците од овчеполско вода за наводнување на нивите со детелина, бостан, лозови и овошни насади ќе добијат најдоцна до понеделник. Вакво ветување добиле по денешниот состанок во подружницата на Водостопанство Свети Николе, откако вчера револтирани посочија дека родот им скапува бидејќи десетина дена нивите се жедни за вода. Според земјоделците на состанокот им биле посочени повеќе причини поради кои немале вода, како кражба на вода, но и заради дотраениот и стар систем за наводнување. Најпрвин вода ќе добијат земјоделците во атарот на село Ерџелија, а потоа и останатите села, додаваат тие.

Штетите за културите веќе се огромни, земјоделците посочуваат дека ќе се откажат од земјоделество, а младите егзистенција ќе бараат надвор од државата. Навремено си ги плаќаат сметките за вода за наводнување, кои стигнуваат од Хидросистемот Брегалница, па бараат вода да има.

Раководителот на ХС „Брегалница“-Кочани, Благој Богaтинов вели дека испораката на водата до корисниците на подружницата Свети Николе е континуирана и се одвива без прекинување.

-Ние испорачуваме вода. Поголеми количини не можат да се пуштат поради можност за излевање. Каналската мрежа е стара и треба да се реконструира. Ние ќе излеземе во пресрет извесен период ќе ја намалиме количината за нашите корисници, за да може таа да стигне до Овчеполието, вели Богатинов.

Неколку децении веќе има проблеми со наводнувањето на нивите во источниот регион, кои вода добиваат од езерото Калиманци. Една од причините е непланското сеење и садење на култури, а најголемата е рунираниот систем за наводнување. Богaтинов посочи дека потребни се неколку милиони евра за санација на овој систем за наводнување, кој живот дава на нивите во кочанско, виничко, штипско и Овче Поле.

Лаура Стојанова М-Нет