
Здравствениот дом – Итната медицинска помош во Штип и Противпожарната единица се хероите на кои Домот за култура одлучи да го посвети фестивалот за Херои. Три музички настапи се дел од програмата во рамки на Фестивалот, кој ќе трае три дена, а кој има за цел да им се оддаде благодарност на хероите во средината.
„Веруваме дека нашите херои се меѓу нас и затоа го насловивме овој Фестивал така, во чест на нив и нивното несебично делување кое го даваат како придонес во нашето општеството го организираме овој фестивал. Планирано е да трае три дена со три концерти, од коишто првиот концерт го отвораме утре со почеток од 21:00 часот, а тоа е настапот на музичарот „Ори Даган“ од Канада. Инаку, тој настапува на Скопско културно лето и воедно прави една мини – турнеја низ Македонија во која е вклучен и нашиот Центар. Ќе се одржи надвор, на платото, па ги покануваме сите граѓани коишто се заинтересирани да дојдат и да го проследат овој концерт. Следниот ден имаме настап на домашен артист, а во четврток се „Брасстет Скопје“ коишто ќе се претстават со дувачки инструменти и ќе продуцираат музички теми од познати филмови коишто ги имаме гледано“, вели директорот на Установата, Горан Трајков.

Две интервенции екипите извршиле во Домот на култура, но и сите низа останати покажуваат дека нивната хуманост е бесценета. Според директорот Трајков, целта на Фестивалот не е само да им се оддаде благодарност, туку и да се покаже дека за да се биде херој, не мора да се биде во униформа. Секој од нас треба да види пример и да покаже херојство во општеството.
„Ние бевме сведоци овде во Центарот за култура на две интервенци на Брзата помош и Противпожарната единица во Штип, нивното делување беше експедитивно, навремено и сето тоа доведе до спасување на човечки живот и спасување имот. Не треба да се носат наметки за да бидеме херои, тоа треба да го поттикнуваме, да го потенцираме и да се огледуваме на нивната работа и несебичност и она што го даваат за нашето секојдневно општество. Затоа решивме овој Фестивал да го направиме во нивна чест“, додава Трајков.
Со идејата дека херојството на луѓето живее помеѓу нас планирано е традиционално одржување на Фестивалот, кој оваа се реализира за првпат.
Лаура Стојанова М-Нет