Завршена првата фаза од реконструкцијата на НУЦК „Ацо Шопов“ Штип, активностите продолжуваат

Заврши првата фаза од реконструкцијата на НУЦК „Ацо Шопов“ Штип. Двата објекта на Домот на културата и Театарот во Штип имаат целосно променет под и молерисани ѕидови, што според директорот на установата, не е направено веќе петнаесетина години.

„Во делот на реконструкцијата завршивме со поставувањето на ламинантните подови во Театарот и во Центарот за култура и е во вкупна вредност од 450.000 денари или во метри квадратни се 560м2 во овие две институции со дебелина од еден сантиметар. Цениме дека овој материјал треба да биде поиздржлив кога се одржуваат настани. Имавме и молерисување во вредност од 120.000 денари“, истакна директорот Горан Трајков.

Во установата заврши и јавната набавка за ново озвучување, а до крајот на годината ќе се обноват и тоалетите во Центарот за култура. Сепак, ова нема да биде крај во делот на реконструкцијата, бидејќи слични активности се предвидени и за следната година.

„Се заврши и набавката за озвучување, којашто е за потребите на Центарот за култура и Театарот, што е во вредност од 330.000 денари. Во следниот период ќе ги реконструираме и тоалетите во Центарот за култура. За следната година е планирано целосно заменување на столчињата во Големата сала на Центарот, теписоните, поставување на изолациона фасада којашто ќе даде можност да се затоплува Центарот за култура и да биде поекономичен во целата работа, тука е промената на подот на сцената и други работи коишто се дотраени“, додава Трајков.

Освен Галеријата ’22, која е реконструирана со сопствени средства, останатите активности во изминативе шест месеца се со финансиски средства од Министерството за култура преку програмата од национален интерес. Над 140 активности од повеќе области ќе бидат аплицирани и за следната година во програмата која веќе е подготвена.

„Програмата е обемна и опфаќа некаде околу 140 настани поделени по повеќе сегменти, дел се од ликовната уметност, дел од литературната дејност, дел се од музичката дејност, интердисциплинарни и мултимедијални проекти“, посочи Трајков.

Трајков потенцираше дека се надева оти Министерството за култура ќе ги препознае потребните реконструкции на Центарот за култура кои ги немало уште од самото отворање.

Ребека Спасова М-Нет