Жетвата на јачменот и пченицата при крај, производството стои во амбарите за подобра цена

Сонцето пече, водата за пиење се топли за помалку од пет минути, а работа има за цел ден. Вака чичко Стојан од село Таринци опишува еден ден на нива кога во ек е сезоната за жетвата на јачменот и пченицата. Вели претхоно многу се работело, но денеска тој е пензионер кој ги продал обработливите површини и механизацијата бидејќи не нашол егзистенција во земјоделието. Како пензионер тој повремено помага на земјоделците кој жнеат во штипскиот односно карбинскиот регион.

„На жетва, сонцето пече, жешко, ќе донесеш вода ќе ти се стопли за брзо. Но, мора тоа е 20 дена жетвата до еден месец најмногу толку трае. 50 години се занимавав со земјоделие, но фајда нема од тоа ништо. Продадев го комбајно, продадев нивите сега сум во пензија. Не се исплаќа да се работе, скапо ѓубре, скапа нафта, младите не саакаат да работат“ – вели Стојан.

Цената на јачменот сега е 17 денари, пченицата се откупува по цена од 18 до 19 денари. Но, има земјоделци кој го складираат производството и чекаат подобра цена.

„Цената на јачменто е 17 денари, мисла толку го откупуваат, пченицата 18 до 19 денари, меѓутоа многу мал е приносот кај нас, во мај кога требаше да има дождови немаше и се движи од два до три тона овде во штипско и овчеполието, ние сме 400 килограми ако даде тоа е максимумот. Не можеме да се раменеме со Пелагонија, со кумановско таму има повеќе дождови. Сега, 80 до 90% го складираат производството во силуси и се чека подобра цена.“ – вели Серафимов.

Во меѓувреме во пораст се цените на ѓубривата и репро материјалите, па за вистинската цена на јачменот односно пченицата треба да се направат дополнителни анализи, посочува Серафимов. Најголем проблем е високата цена на шубрето и нафтата, а малите приноси и затоа производството стои во амбарите.

Лаура Стојанова М-Нет