
Втор ден по ред четири осудени лица од КПУ Затвор Штип штрајкуваат со глад и вода. Лазар Стојков е братучед на еден од осудените лица. За М-Нет телевизија тој истакна дека доколку до четвроток надлежните институции не се произнесат по проблемите во Затворот ќе побараат дозвола од СВР Штип и во петок ќе протестираат пред установата. Вели дека неговиот братучед има позагрижувачка клиничка слика и треба да биде префрлен од затворениот во полузатворениот дел од затворот, но без врски тоа не се случува. Од утре веќе осудените лица најавиле дека нема да ги земаат лековите за притисок и срце. Ова што моментално се случува во затворот во Штип според него е ветер и магла и треба да се реагира. За ситуацијата затворениците правда ќе бараат и пред Народниот правобранител.
За ваквата дводневна ситуација во затворот во Штип, директорот Мики Тодоров и денеска тврди дека лицата се прегледани и се во добра здравствена состојба.
„Стојам позади вчерашната изјава. Денеска осудените лица се прегледани од затворскиот доктор и здравствената состојба им е во границата на нормалата. Јас како директор одговорно тврдам дека не им е нарушено ниту едно право“, истакна Тодоров.
Штрајкот во затворот во Штип започна вчера, кога новодојдено осудено лице било префрлено од затворениот во полузатворениот дел од затворот за неколку дена, а лица кои таму се подолг временски период сѐ уште не се префрлени. Според Стојков, станува збор за врски и нееднакви права за сите затвореници. Според директорот Тодоров, ова се должи на здравствената ситуација на лицето.
Лаура Стојанова М-Нет