Граѓаните најмногу проблеми имаат со атмосферските канали и решетки, надлежните реагираат

Санирање на потпорни ѕидови, крпење на ударни дупки, уредување на паркови низ град Штип се дел од дневните активности на ЈП „Стипион“. Според директорот Игор Ефтимов, работа има доста и екипите на претпријатието постојано се на терен за да им излезат во пресрет на барањата на граѓаните.

„Во овој момент се прави еден потпорен ѕид, редиме коцка на пешачките патеки во паркот во населбата Дузилак, го санираме оној паднат потпорен ѕид на улицата Ванчо Китанов, во план сме за санација на ударни дупки кои ни останаа како и тековни дополнителни проекти како што се оној мини парк во населба Сењак, дополнително осветлување“, кажа Ефтимов.

Истовремено продолжуваат и средбите со граѓаните кои се реализираат секоја среда. Ако пред шест месеци штипјани имаа најголем проблем со уличното осветлување, сега најголем проблем се атмосферските канали и решетки на чија санација се работи.

„Во последно момент бидејќи навистина имавме и поројни дождови на теритроијата на Општина Штип имаше и многу проблеми каде на луѓето им доаѓаше атмосферска вода во нивните дворови. Се работеше за некои затнати атмосферски шахти и канали, знаете дека ние саниравме голем број од нив меѓутоа има уште дополнителни кои во моментот ги санираме“, додаде Ефтимов.

Во оваа прилика Ефтимов истакна дека ЈП „Стипион“ е претпријатие кое е задолжено само за одржување и уредување на јавно прометни површини, а не за проблеми во приватни имоти.

Ребека Спасова М-Нет