
Влезот во oпштина Штип, односно едно такво атрактивно земјиште и центар на Источна Македонија не треба да биде наменет за фотоволтаици, смета Јорданов. Со оглед на тоа Општина Штип ќе направи промена на Деталниот урбанистички план и на таа локација треба да има индустриска зона која ќе биде развој на градот. Но на тоа државно земјиште освен Општина Штип со инцијатива за индустриска зона, планирање направиле и други државни институции, конкретно државното претпријатие „Аеродроми“.
„Ние сме во постапка на покренување на иницијатива за планирање на индустриска зона на тој потег, но истао така има и други заинтересирани страни, државни институции коишто пред нас направиле еден исчекор во насока на планирање на тоа земјиште за други намени, конкретно за фотоволтаици. Сега сме во момент кога ниту тие ниту ние можеме да испланираме точно таа локација која намена ќе ја има“, истакна Јорданов.
Станува збор за просторот од Три чешми до Калимерово каде има доволна инфраструктура да прерасне во индустриска зона, на која производствени капацитети ќе може да отворат домашни и странски компании. Според Јорданов нема да станува збор само за текстилна индустрија
„Тренд е дека сѐ повеќе наши сограѓани кои инвестираат во одредена дејност го избегнуваат текстилниот сектор заради намалениот приход, заради еве да кажам глобалните промени кои се чувствуваат и кај нас. Промената на дејноста односно преструктуирањето е присутно и кај нас. Сепак станува збор за лесна индустрија која би можела да егзистира таму и да биде привлечна за инвеститорите, не само од Штип, туку и од околните градови и од околните држави“, додаде Јорданов.
Иницијатива за индустриска зона на овој потег односно на влезот во Штип имаше и од претходните градоначалници на Oпштината.
Лаура Стојанова М-Нет