Битиќи: Ниедна цена не може за 24 часа да порасне за 20%, инспекциите ќе излезат на терен

Инспекциските служби ќе ги проверуваат екстремно високите цени на производите кои скокнаа преку ноќ. Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, е со став дека станува збор за манипулација на граѓаните и оти ниту една цена не може да порасне за 20% за само 24 часа.

„Со особено внимание следиме што се случува овие три дена на слободниот пазар и некоректното, неетичкото и неморалното однесување на одредени компании, особено кон зголемување на цените набрзо ќе најде одговор од страна на институциите. Не може да прифатиме дека цената може за 24 часа да порасне за 20%, ниедна цена не може да порасне за 24 за 20%. Сметам дека е само една одредена манипулација којашто ја прават кон нашите граѓани и за тоа, секако, соодветно треба да реагираат инспекциските служби со мерки за сите коишто тоа го имаат направено“, истакна Битиќи.

Цените на основните прехранбени продукти драстично пораснаа откако престана да важи мерката за ослободување од ДДВ и намалената маржа за трговците. Речиси сите цени се зголемја за најмалку пет денари, па и повеќе, а Регулаторна за два дена ги зголеми цените на горивата, кај бензините досега највисоки нешто повеќе од 100 денари.

Дека државна помош нема да има за сите потврди и Битиќи, а какви мерки ќе донесе Владата, ќе се знае откако ќе се изгласа ребалансот на буџетот.

Сепак, експертите се со став дека додека се чекаат парите од ребалансот цените секојдневно би растеле. Комисиската расправа е закажана за 13. месецов, а со ребалансот се предвидени 76 милиони евра за мерки.

Ребека Спасова М-Нет