Бочварски: Се санираат одроните на автопатот Миладиновци – Штип, потоа ќе се пуштат патарините

Се санираат одроните на автопатот Миладиновци – Штип, а патарините ќе се пуштат во употреба по отстранувањето на одроните, истакна денес министерот Бочварски од Штип. Тој додаде дека во врска со роковите прашањето треба да се упати до ЈП за државни патишта, каде се води целата постапка.

„Во моментов се работи на санација на одроните коишто се јавија поради обрушување на неколку позиции на автопатот, а изградбата на патарините веќе привршува и во координација со ЈПДП и изведувачите потоа ќе бидат пуштени во употреба. Значи, оваа постапка е во ЈПДП, така што таму најдобро ќе се информирате за сите рокови и за постапките коишто се во тек“, истакна Бочварски.

Во меѓувреме, во период на економска криза, Министерството врши ребаланс на буџетот. Бочварски додаде дека во Собрание ќе се најде ребалансот со кој се крати од непродуктивните трошоци, а се вложува во капитални проекти.

„Веќе во ребалансот којшто се подготвува ние направивме реалокација на средства. Ги отстранивме сите непродуктивни трошоци, а додадовме во делот на капитални инвестиции, на пример во изградбата на гасоводот. Секаде каде што можеа да се скратат, тоа веќе го направивме“, додава Бочварски.

Тој нагласи дека очекува пратениците што поскоро да го донесат ребалансот на буџетот, а посочи дека во моментов интензивно се градат двата крака од магистралните гасоводи низ земјава.

Ребека Спасова М-Нет