Се одбележува Светскиот ден на детето, целта – да се заштитат правата на децата

Денеска се одбележува Светскиот ден на детето, кој има за цел да ги стави во фокус правата на децата и најважните проблеми со кои се соочуват. Потребата од заштита на правата на децата произлегува од фактот дека тие претставуваат високо ранлива општествена група која лесно може да биде изложена на злоупотреба и насилство. Во согласност со ООН, децата се изложени на насилство, експлоатација, виктимизација од страна на возрасните, но и на глад, болести и недостаток на социоекономски услови за здрав и активен живот во државите кои се сметаат за сиромашни или пак за држави во развој.

На 20 ноември 1959 година, Генералното собрание на ОН ја усвои Декларацијата за правата на детето и на 20 ноември 1989 година ја усвои и Конвенцијата за правата на детето, во која се нагласува дека сите деца имаат права кои произлегуваат од оваа Конвенција, без оглед на тоа кои се, каде живеат, што им работат родителите, дали се сиромашни или богати, на кој јазик зборуваат, на која религија или култура ѝ припаѓаат, дали имаат некоја попреченост или инвалидитет.

Во рамки на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, веќе 29 години функционира СОС- телефонот за деца и млади, кој претставува служба за директна помош и поддршка на децата, младите и нивните семејства. Со телефонскиот повик децата може да добијат помош и информации, стручен совет, психо-социјална поддршка или едноставно да разговараат за проблемите со кои се соочуваат, а за кои немаат на кого да се обратат.

Ребека Спасова М-Нет