По третпат за една недела Општина Лозово погодена од невремето

Третпат за една недела Општина Лозово е погодена од силно невреме. Во текот на вчерашниот ден поројниот дожд нанел штета на лозови насади, а бил пресечен и патот кон едно населено место. Градоначалникот на Лозово, Бошко Цветковски посочи дека се работело до доцните часови и патот е обезбеден за минување.

„Вчера беше зафатена со ново невреме Општина Лозово, но овој пат со пороен дожд. Имавме отсечено населено место, однонсо патот беше прекриен со кал и песок од земјоделските површини. од тоа што можеше да се виде на терен значи имавме уништени и нови лозови насади, односно истите беа прекриени со кал од самата поплава“ – кажа Цветковски.

Дополнително на ова, дошло до мешање на плитките со подземните води, што значи жителите на Лозово не можат да ја користат водата за пиење. Не се знае каква е состојбата со природните чешми па затоа со цистерни жителите ќе се обезбедат со чиста вода за пиење.

„Се случи она од што се плашевме дека ќе се случи, односно при секоја поплава настанува мешање на плитките со подземните води бидејќи Општина Лозово се снабдува со бунарски систем со вода за пиење. Во моментот граѓаните се известени дека водата не треба да се користи за пиење, а ќе побараме од ЦУК да не обезбедат и со цистерни“ – додаде Цветковски.

Претходно, Општина Лозово во два наврати беше погодена од невреме, при што беа уништени поголем дел од лозовите насади и зејоделските површини, а истовремено штети беа направени и на движен и недвижен имот кај населението. Цветковски истакна дека дополнително ќе се утврдуваат штетите од невремето и ќе им се излезе во пресрет на граѓаните.

Лаура Стојанова М-Нет