
Градоначалникот Иван Јорданов со барање за јавно извинување од советникот на Левица, Ангеле Михајловски. Барањето се однесува на изнесените информации од Михајловски во емисијата Зум Анализа на М-Нет Телевизија, кои Општината ги демантираше. Михајловски тогаш зборуваше дека Левица како партија има информации дека Општината одбила над 7.000 садници од општествено – одговорна компанија со образложение дека нема локација за истите. Емисијата беше емитувана на 20 мај, а следниот ден, на 21 мај, во прилогот во дневните вести Општината ја дематираше информацијата. Потоа Јорданов испратил барање за јавно извинување од Михајловски во нашиот телевизиски медиум, во кое стои дека во спротивно ќе биде поведена и судска постапка.
„Вака изнесените наоди од Ваша страна се невистинити и измислени и истите претставуваат клевета и навреда на кој начин директно наштетувате на честа и угледот на Општина Штип. Поради горенаведеното, согласно со чл. 13 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, бараме од вас во рок од 48 часа сметано од приемот на ова писмено барање јавно да се извините и јавно да ја повлечете дадената изјава и тоа на истото место, односно на телевизискиот медиум пред кој ја имате дадено горенаведената изјава, а во спротивно ќе биде поведена судска постапка за утврдување одговорност и надомест на штета согласно со истиот закон.“ – стои во Барањето.
На ова од партијата велат дека Левица нема да му се извини на градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов. Сметаат дека ова е начин да се замолчат членовите на Левица.
„Со ваквата постапка локалните власти испраќаат јасна порака за замолчување на членовите на Левица, единствените кои работат и се борат за јавниот и општествениот интерес на граѓаните. На Градоначалникот јасно му порачуваме дека со неговите смешни закани не може да нè уплаши! И ништо, ниту една закана или уцена нема да ја спречи Левица и понатаму да биде единствениот глас на народот во Република Македонија!“ – се вели во официјалниот став на партијата Левица.
Според нив, изнесените информации, очигледно, не му се допаднале на градоначалникот, па затоа тој испратил заканувачко писмо.
Ребека Спасова М-Нет