
Општина Кочани во понеделник ќе го спроведе првото прскање против комарци. Процесот за заштита од комарците во Кочани годинава започнува во втората половина од мај. Ова ќе биде прво прскање од земја, а според градоначалникот Папазов, во следниот период ќе следи и авионско прскање за кое има тендерска постапка.
„Согласно со договорот за јавни набавки прскањето ќе се спроведе во неколку наврати во зависност од можностите на избраниот економски оператор, кој ќе го реализира овој процес. Значи, во понеделник е првото прскање од земја, а авионското прскање ќе следи дополнително. За истото имаме спроведено тендерска постапка и ќе го реализираме во следната фаза“, истакна Папазов.
Во меѓувреме, и покрај дискусиите, Општините не се договорија за справување со проблемот на регионално ниво. Прашањето неколкупати беше разгледувано на седниците на Источно планскиот регион, меѓутоа веќепредвидениот буџет не дозволува измена за овогодинешната реализација на прскањата. Регионално решавање може да има догодина.
„Ова прашање го начнавме на ИПР за тендерирањето да биде регионално и да влезе во планот за јавни набавки на ИПР, така што се надевам дека од догодина ќе биде организирано заеднички преку ИПР“, истакна градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.
„Во секој случај ефектите би биле поголеми ако заеднички го реализираме сите општини кои го опфаќаат ИПР, но во зависност од капацитетите и финансиските можности на Општините, секој го реализира со сопствени сили и од сопствениот буџет“, додаде Папазов.
Општина Штип од почетокот на месец мај веќе спроведе две прскања против комарци, а во Кочани ова ќе биде прво. Засега и двете Општини процесот го спроведуваат теренски, но предвидено е и авионско прскање.
Ребека Спасова М-Нет