
ОК на ВМРО – ДПМНЕ во Штип официјално го доби новиот претседател, Душко Иванов. На свечен настан функцијата ја примопредаде претходниот претседател, а сегашен градоначалник Иван Јорданов, кој рече дека како општински комитет нема да застанат овде за да покажат дека Штип има потенцијал за развој.
„По четири и пол години издвојувавме неколку битки, но не и војна. Победивме една Пирова победа на локалните избори во 2017 година. Извојувавме една битка со тоа што не дозволивме во Штип да се даде легитимитет на срамната промена на името на Република Македонија. Извојувавме победа на претседателските избори, на парламентарните избори. И кога сите нѐ понижуваа, ние верувавме. Кога нѐ потценија, се исправивме и победивме“, истакна Јорданов.
Новиот претседател на општинскиот комитет, Душко Иванов, ја искажа благодарноста за дадената доверба и порача дека ќе продолжат сплотени и обединети до крајната заедничка цел.
„Верувајте, честа е голема, но одговорноста е огромна да се раководи со општински комитет којшто низ годините наназад ги носи едни од најголемите победи на ВМРО – ДПМНЕ во верниот исток. Меѓутоа, верувам дека стекнатото искуство и знаење со максимална посветеност и со јасно дефинирани цели за победа на наредните предвремени парламентарни избори и на редовните локални избори се мотив за заеднички да се исправиме“, порача Иванов.
Претходниот претседател Јорданов на оваа позиција беше два мандата, од август 2017 година и од септември 2020 година. Иванов, пак, на функцијата претседател доаѓа од потпретседателското место во општинскиот комитет.
Ребека Спасова М-Нет