Православната црква го празнува свети Георгиј Победоносец – победник во Христос

Денеска православната црква го празнува свети Георгиј Победоносец, празник познат како Ѓурѓовден. Свети Георгиј бил измачуван заради Христа, меѓутоа многумина од народот гледајќи го како со љубов страда за Христос и самите станувале христијани. Свети Георгиј Победоносец, тврд во верата, го победил светот преку Христос.

„Татко му пострадал ради Христа, а тој заедно со неговата мајка се преселиле во Палестина, каде што за време на царот Диоклецијан истакнувајќи се со својата интелигенција и со својот ум на 20 години, дошол до чинот трибун, што го довело во близина на царот. Кога Диоклецијан почнал жестоко да ги гони христијаните, свети Георгиј излегол пред него и рекол дека и тој е христијанин и дека никогаш нема да се откаже од верата Христова. Бил подложен на страшни маки, нозете му биле врзани на клада, на градите му ставале голем камен. Потоа направиле колце на кое ставиле големи шајки и вртејќи го по неговото тело, целото било во рани. Сепак, Господ го послушал во молитвите“, истакна Добрица Јанев, свештеник.

Имајќи го во умот и исповедајќи го со устата Спасителот, тој не подлегнал на измачувањата. Иако го испил најсилниот отров, ништо не му се случило, а кога со молитва воскреснал и мртовец, сите поверувале во Христос. Поверувале и царицата Анастасија и магесникот Анастасиј, па царот заблуден наредил свети Георгиј и неговата сопруга да бидат обезглавени.

Со ова свети Георгиј се покажал цврст, па е пример и ние да се покажеме цврсти во верата и љубовта. Празников е потсетник за тоа како треба и ние да бидеме сведоци за Христовото воскресение. Инаку, Ѓурѓовден е неподвижен празник со постојан датум и се смета за најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското, туку и другото население.

Ребека Спасова М-Нет