
Низа дефекти на ул. „Борко Талев“ го дестабилизираа водоснабдувањето во овој дел од градот. Поради овие проблеми кои неколкупати се јавија во текот на изминатиов викенд на оваа улица, екипи од Водовод и канализација на ЈП „Исар“ ја заменуваат дотраената водоводна мрежа. Водоснабдувањето ќе се стабилизира по завршување на активностите, истакна денес директорот Трајче Здравков.
„Во изминатите три – четири дена на истата локација имавме низа дефекти. Екипите наши секојдневно излегуваат на терен и ги санираат дефектите на водоводната мрежа постара од 50 години. Дефектите таму се случуваат често и затоа таму заменивме 30 метри, а денеска ќе замениме уште 20 метри, со што очекуваме да се стабилизира водоснабдувањето. Би напоменал дека реконструкциите треба да се решаваат плански, односно во минатото не се давало приоритет на критичните места, а сега ние работиме на тие делови за да се стабилизира водоснабдувањето“, рече Здравков.
Според Здравков, приоритетни во моментов освен оваа улица се и неколку други улици во градот, но и населбата Македонка, која во следиот период треба да се приклучи на градскиот водовод.
„Приоритет ни е да ја замениме водоводната мрежа таму, околу 60 – 70 метри од „Борко Талев“. Понатаму, во исто време работиме на водоводната мрежа во населба Македонка, каде ќе ги приклучиме на градскиот водовод. Наредни се улиците „Стив Наумов“ и „Пане Гочев“, каде очекуваме до крајот на месец мај да бидат завршени градежните работи“, додава Здравков.
Периодов ќе се работи на места кои немаат водовод или чија водоводна мрежа е значително дотраена. Сите се ставени во програмата, додава Здравков, а дотраени водоводни и канализациони мрежи се заменуваат на сите улици кои се предвидени за асфалтирање.
Ребека Спасова М-Нет