
Во спомен собата Штип одбележа 105 години од раѓањето на првиот претседател, Киро Глигоров. Со проследување на краток документарен филм, ученици од училиштата во Штип се едуцираа повеќе за животот и делото на Глигоров, а имаа можност и да видат предмети од неговиот живот во спомен собата, која пред четири години беше отворена во неговиот роден град.
„Трети мај е посебен ден за Општинскиот мултимедијален центар „Киро Глигоров“ заради денот на раѓањето на Глигоров, 3 мај 1917 година. Ова е објект којшто Општина Штип го уреди во спомен на нашиот прв претседател за почит на неговите лик и дело. Традиционално, на годишнината на неговиот роденден, според програмата за одбележување на значајни настани и личности, Општина Штип овој ден го прогласува како отворен ден за ОМЦ „Киро Глиголов“. Денеска изложбениот простор, како и секој ден, е отворен, но денес празнично. Во моментов имаме ученици од училиштето „САБА“, коишто го проследуваат краткиот документарен филм, а потоа ќе видат некои лични предмети на претседателот“, истакна Кирил Панајотов.
Спомен собата на Киро Глигоров во Штип секојдневно привлекува гости како од градов, така и од државата и странство, бидејќи изобилува со значајни елементи од животот на првиот претседател на Републиката. Како што вели Панајотов, речиси и нема политичар кој дошол во Македонија, а да не посакал да ја види собата, за што доказ е и книгата на впечатоци.
„Интересот е навистина огромен според тоа што ние го евидентираме овде. Последните две години имаше мал застој во смисла на групни посети, заради состојбата со пандемијата. Меѓутоа, ние имавме организирани посети на училишта од цела Република. Како раритет можам да спомнам дека нема дипломат или политичар кој дошол во Македонија, а не посакал специјално да ја види спомен собата. Ние имаме и книга за бележење на впечатоци, која ги содржи тие податоци“, додава Панајотов.
Инаку, Глигоров бил активист на студентското и комунистичко движење, македонски и југословенски економист, политичар и државник. На 17 ноември 1999 година го завршил својот втор претседателски мандат, на 82 годишна возраст. Починал во длабока старост, на 94 години, на 1 јануари 2012 година.
Ребека Спасова М-Нет