
Учениците во ООУ „Гоце Делчев“ во Штип од денес се враќаат на настава. Директорот Трајче Димов ги повика учениците да се вратат во училишните клупи, бидејќи, како што рече, раководството е должно да обезбеди непречена настава и да го почитува основното право за образование на учениците.
„Почитувани ученици, почитувани родители, имајќи го предвид задолжението од страна на Министерството за образование и наука и членот од Законот за основно образование, каде што директорот е задолжен да менаџира непречена реализација на наставата, објавувам јавен повик до сите вас. Училишните врати се отворени за да продолжите со наставата од денес, па и секој следен работен ден. Она што треба да се почитува е загарантираното право на образование утврдено со Уставот на Република Северна Македонија и врз основа на тоа ние сме должни да ви организираме настава, а вие да дојдете во училиштето и таа настава да се реализира“, порача Димов.
Според Димов, речиси половина од наставниците во ова училиште не штрајкуваат, а во настава ќе влезе и дел од раководството. Целосна настава, веројатно, нема да има можност да се организира, но часови веќе реализираат сите наставници кои не штрајкуваат.
„Во училиштето има наставници кои работат. Бројот на наставници кои штрајкуваат и оние кои не штрајкуваат е 46 наспрема 41. Денеска веќе делумно се одржа и настава во Три чешми, каде што во предметна настава се одржаа два – три часа, а во одделенска настава се одржа редовна настава со наставниците и учениците во сите овие пет одделенија. Во централното училиште исто така работат колегите од прво одделение, колега од прво одделение, се одржува и наставата по Англиски јазик, наставата по ФЗО и сè она што не штрајкува, тргнувајќи од раководниот кадар, помошникот директор и директорот ќе влезат во настава за да тој процес се организира што е можно подобро“, додаде Димов.
Во меѓувреме, штрајкот сè уште продолжува во останатите училишта, а од СОНК очекуваат нова средба со Владата денеска. Според првиот човек, Јаким Неделков, до нив пристигнуваат пријави за отворени притисоци од директорите врз наставниците за да продолжат со настава, по кои тие соодветно ќе реагираат. Од СОНК велат дека штрајкот ќе биде прекинат, а наставата продолжена само доколку преку конструктивни преговори се дојде до решение на прашањето за покачување на платите.
Ребека Спасова М-Нет