Дали брзите кредити наплаќаат огромни суми за манипулативни трошоци од граѓаните?

1500 денари доколку ви пристигне СМС порака за неподмирена рата за брз кредит, или дури 3000 денари доколку ви пристигне писмо на домашна адреса. Граѓаните регираат до нашата редакција за ваквиот начин на наплата на рата за брз кредит. Истовремено, на домашна адреса пристигнуваат и опомени во кои се наведува дека долку кредитот не се подмири веднаш ќе следи попишување на подвижни работи, а трошоците повторно на грбот на лицето кое подигнало кредит. Од овде се поставува прашањето дали регистрираните финансиски друштва имаат право да наплаќаат 1,500 денари за известување за долг по СМС и 3,000 денари за испратено писмо?

Од Асоцијацијата за финансиски друштва посочија дека сите информации за кредитот му се достапни на клиентот пред склучувањето на договорот. Согласно тоа вкупни трошоци на кредитот се сите трошоци, вклучувајќи камати, провизии, даноци и кои било други надоместоци во врска со договорот за потрошувачки кредит коишто потрошувачот треба да ги плати при одобрувањето и редовната отплата на кредитот.

„Трошоците поврзани со неисполнување или ненавремено исполнување на обврските од договорот за потрошувачки кредит, како што се трошоците за известување за долг според законските акти не спаѓаат во оваа стапка, туку се предмет на уредување од страна на поединечно финансиско друштво. Сепак, како одговорни кредитори, членките на Асоцијацијата на финансиски друштва, во неколку наврати досега посочуваат дека е потребна зајакната контрола од страна на регулаторот во делот со наплата на трошоци за известувања по пат на СМС или испратено писмо. Воедно, апелираме до граѓаните да бараат јасно информирање пред склучување на договор за кредит од кредиторите.“ – кажаа од асоцијацијата.

Во врска со запленувањето на подвижни работи за долг од околу 20 илјади денари, од асоцијацијата истакнаа дека согласно законската регулатива, финансиските друштва имаат право да ја процесираат наплатата на побарувањата преку ваков тип на наплата, додека извршителите одлучуваат дали и што ќе запленуваат.

Асоцијацијата за финансиски друштва остро реагира и изјавува дека не поддржува пракса која не е во согласност со законот, ниту пак било која друга пракса која оди на штета на целокупната индустрија, и апелира до граѓаните да ја пријават секоја слична ситуација до надлежните институции или пак до Асоцијацијата на финансиски друштва.

Лаура Стојанова М-Нет