Даночните решенија во Кочани се доставуваат по е-пошта

Поради вонредната состојба со епидемијата од коронавирусот, Општина Кочани почнува со достава на решенијата за даноци и за комунална такса по електронска пошта.

Со оглед што работењето и активностите на општинската
администрација се намалени, на овој начин ќе се запази рокот за
испраќање на документите до физичките и правните субјекти кои
треба навремено да ги подмират обврските.

– Вообичаено, за достава на овие решенија ангажиравме лица со договор на дело. Но, за да се намали ризикот од ширењето на КОВИД-19, во овој период најбезбедна е доставата по електронска пошта. Затоа ги повикуваме физичките и правните лица коишто се наши даночни обврзници и коишто имаат е-адреси, да контактираат со нашите службеници за да им бидат испратени даночните решенија – изјавуваат од Одделението за даноци, такси и надоместоци на Општина Кочани.

Даночните обврзници се упатени на контакт со општинските служби
преку електронска адреса [email protected], како и телефонски со вработените во Одделението за даноци.

За наплата на општинските даноци во 2020 година, Општина Кочани
треба да достави 12.627 решенија за данок на имот на физички и
правни субјекти и 1.742 решенија за комунална такса, односно
фирмарина.