Со сезона на висок моден стил врвниот бренд „Астибо“ останува ненадминлив

Периодов пред сезоната пролет/лето 2022 година може да ги носите најмодерните парчиња облека од модниот бренд „Астибо“ од Штип. Овојпат силни бои и цветни дизајни се обележјето со кое „Астибо“ останува ненадминлив во умешноста да го креира, скрои и претстави совршеното парче облека. Акцентот е на помладата публика, но и на похрабрите и модерни жени, кои во своето секојдневно облекување би сакале да проткајат повеќе боја и впечатливост.

„Повторно нешто ново од „Астибо“, се подготвува нова пре сезона на колекцијата пролет/лето. „Астибо“ секогаш нуди нови трендови, изненадува со својот препознатлив стил и квалитет. Така и оваа сезона решивме да дадеме акцент на интернет продажбата, во најава на новите трендови и новата ера. Секако, не застануваме овде, се трудиме со секој нареден чекор да биде во тек со светските модни настани“, вели Симона Санева, менаџер и моден дизајнер во „Астибо“.

Овојпат пристапот е преку „онлајн“ продажба, како нешто што изминативе две години стана се’ поактуелно и пристапно за луѓето, а кое овозможува со еден „клик“ да го имате омиленото парче облека во својата лична колекција. Новите уникатни парчиња наскоро ќе бидат достапни за љубителите на модата.

„Ова е само почеток на тоа што следува, ние ќе имаме и многу други фотосесии. Веќе за една недела колекцијата ќе биде достапна за нашите купувачи“, додава Санева.

Штипскиот моден бренд секоја сезона не’ носи на модерно патување кое трага по префинетоста на стилот. Благодарение на следењето на трендовите на женската мода и посетата на значајните светски саеми, секогаш пригодни за инспирација, „Астибо“ заслужено го зазема своето место на македонскиот пазар и пошироко. Развојната компонента на брендот е доверена на стручно – квалификуваниот тим, напорната работа и неуморната енергија која цели кон успех, задоволни клиенти и задоволни купувачи.

Ребека Спасова М-Нет